Навивачи и спонзори

Спонзорите и навивачите имаат огромен удел во приходите на клубот. Од тие причини, повеќе од важно е односите со нив да се одржуваат на високо ниво - ефектот е повеќе од загарантиран.

Расположение на навивачите

Членовите на вашиот навивачки клуб исто така имаат свој удел во клупските финансии. Членарината (30 US$ / член) се плаќа еднаш по сезона, но побитен е фактот што нивото на нивното расположение директно влијае врз приходите од продажба на влезници односно посетеноста на вашите мечеви.

Најлесен начин да го одржувате нивното расположение на високо ниво и да привлекувате нови членови е да ги исполнувате (или надминувате) нивните очекувања од вашите мечеви и сезона. Моментното расположение на вашите навивачи можете да го видите на делот од страната за навивачите.

Очекувања од сезоната

На почетокот на секоја сезона, навивачите ќе ви кажат што очекуваат од тимот. Нивните очекувања во најголем дел зависат од случувањата во минатата сезона, односно, што очекувале навивачите тогаш, а што бил крајниот исход од сезоната.

Како што вашиот тим напредува (или назадува) низ лигашкиот систем, вашите навивачи постепено ќе се навикнуваат на новонастанатите ситуации. Ако сте се пласирале во погорен ранг, во првата сезона очекувањата и нема да се толку големи. Но, ако од сезона во сезона тапкате во место, односно останувате во истата лига, навивачите имаат тенденција од вас да бараат секоја сезона по нешто повеќе.

Очекувања од натпреварот

Сезонските очекувања, секако, имаат влијание и врз очекувањата од секој меч. Во делот за навивачите можете да видите што точно очекуваат за секој меч. Во глобала, нивните очекувања се поголеми кога играте натпревар дома.

Ако натпреварот завршил во рамките на нивните очекувања, тие ќе бидат задоволни (па макар и сте загубиле, а тие биле помирени со судбината). Ако резултатот е подобар од нивните очекувања нивното расположение ќе биде уште подобро и обратно ако тој не ги задоволи. Во првите лигашки кола, реакцијата на навивачите од исходите на мечевите е поумерена.

На почеток на сезоната, очекувањата од мечевите се базираат врз сезонските очекувања на навивачите од двата тима. Како што сезоната одминува, моментната состојба на табелата и освоените бодови на двата тима добиваат се повеќе на важност. Во куп натпреварите, навивачите ги базираат своите очекувања единствено врз сезонските очекувања (вклучувајќи го и нивото на дивизијата) на двата тима.

Однесувањето на тимот и финансиската ситуација на клубот исто така имаат свое влијание врз навивачите.

Ако на вашите играчи им наредите “да играат опуштено“ или дека е “Меч на сезоната“, тоа исто така влијае врз реакцијата на навивачите од исходот на мечот. Ако резултатот е во рамките на очекувањата (или подобар), “играј опуштено“ ќе го редуцира позитивниот ефект врз навивачите, додека “Мечот на сезоната“ ќе го подобри истиот.

Ако резултатот е полош од очекувањата, “Играј опуштено“ ќе го зголеми негативниот ефект на реакцијата на навивачите, а “Меч на сезоната“ ќе го намали истиот.

Ако имате многу пари на вашата сметка, ќе ви биде потешко да ги задоволите навивачите затоа што тие чувствуваат дека е подобро тие пари да ги инвестирате во купување на подобри играчи отколку да ги чувате. Навивачите од богатите тимови реагираат посилно на порази отколку ако клубот е во лоша финансиска состојба. Што повеќе пари има вашиот тим, толку и ќе биде поголемо неговото влијание.

Спонзори

Спонзорите обезбедуваат важен извор на приходи за вашиот клуб. Износот на средствата за спонзорство што ги добива вашиот клуб ќе зависи од лигата во која се наоѓате, како и од тоа колку е голем вашиот фан-клуб.

Приходите од спонзорите се исплаќаат на рати, т.е, еднаков износ на неделно ниво во текот на сезоната, при што износот на исплатата се ажурира еднаш по сезона.

 
Server 071